недела, 10 февруари 2013




Подвиг на сострадание со несреќните

     Пресветата Богомајка наскоро повторно ѝ се јавила на 48-годишната схимонахиња и ѝ соопштила дека ја избрала – „за подвиг“! Оттогаш матушка Макарија почнала да ги зема на себе болките и маките на другите луѓе, страдањата на оние кои се молеле за исцеление – добила подвиг во своето срце да ја смести болката на целата страдална Русија и на своите слаби плеќи да понесе крст, потежок од сите дотогашни. Мајка Макарија се прашувала откаде тоа, токму таа, така хендикепирана и немоќна, да биде избрана. Царицата Небесна одговорила: „Сите ги поминав и подобра не најдов... Така, морав да те ставам меѓу Избраните“.

           „О, како тоа Ти си го наумила, Пресвета? Каква избраничка сум ти јас, кога целиот свој век го поминувам на постела...“, рекла тажно Макарија. „Ти си за Мене совршена“, одговорила Владичицата. „Како сум пак јас совршена, не знам?!“, рекла схимницата, се поклонила на Владичицата и додала: „Но, ќе ги примам страдањата! Да страдам – умеам!“ ... Подоцна, кога би ја прашале како е, знаела да каже: „На мене никогаш нема да ми биде добро, на мене доброто не ми е дозволено...“
           Посетители како река се слевале кај мајка Макарија. Таа би почивала на својот одар, во аголот на собата. Над главата ѝ биле иконите. Седела подгрбавена вртејќи бројаница, секогаш озарена и спокојна. Многумина пред неа не сакале да седат, туку клечеле на колена, очекувајќи помош, утеха, совет... Понекогаш би се навалила на постелата од исцрпеност и накратко би ја совладал сонот. Потоа се будела и говорела: „Како ми е жал поради вас... Да не ми е жал, не би ве ни примала, туку би станала затворничка. Нека ви даде Господ здравје!“. На болните им говорела: „Ќе помине, сè ќе помине. Матушка ќе се помоли. Надевајте се во Бога... и сè ќе помине...“.
Последните години, откако била започната „перестројката“, кај мајка Макарија доаѓале многу жртви на разни „магионичари“, бајачи и „биоенергетичари“ и луѓе кои многу страдале од допир со демонските сили, на коишто им служат лажните исцелители. Неброени човечки души се спасиле од работ на пропаста преку молитвеното застапништво на оваа слаба, болна и неписмена Старица, Избраничка на Мајката Божја. Нејзината смиреност била неискажлива. Предавајќи го својот живот во служба на Бога и на луѓето, мајка Макарија стекнала кротост, а нејзината мудрост била плод на таа кротост. Не сакала да ја нарекуваат „света Матушка“: „Јас секогаш кажувам дека сум болна и никаква. Господ нека биде Судија... Па какви се моите дела? Седам на кревет, слепа, рацете болни, нозете не одат, никаква сум...“. Кога некои би ѝ се извинувале поради горди помисли и зборови пред неа или во врска со неа, би им одговарала: „Наречи ме како сакаш, нема да се навредам...“.
             Имало такви, коишто ѝ говореле дека не би требало да прима секого, зашто има и луѓе со лоши намери: „Не можам да не примам некого. Сите треба да се милуваат со милостивост!“. На никого не се лутела, а ако некој, по ѓаволско настроение, би викал по неа, таа му одговарала: „Вие не сте во состојба сега со мене да разговарате“. Потоа, би замолкнала.
            Понекогаш, спомнувајќи си за милостите Божји кои ги примала, велела: „Никого не сум запознала освен Господа. Он е така светол, светол, посветол од Сонцето. Он не може да се навреди... Освен Господа и својата постела, ништо не сум видела. Да се седи на постела и да се гледа Бог, и сто години така можат да се проживеат!“.
           Матушка била прозорлива и знаела што им било потребно на нејзините посетители, пред тие тоа и да го кажат. Давала совети раководена од Светиот Дух, па еден нејзин духовен син, вака го опишал своето душевно расположение по разговорот со Матушката: „Во душата чувствуваш благодат, молитвата во срцето непрестајно тече, а нозете сами те носат дома. Во тебе сè пее, долгиот пат се скратува“.
            Матушката се молела многу, без прекин: „Сето време, не знам како, му се молев на Бога. Со молитвата мене не ми е тешко, со молитва ништо не е тешко. Возљубен мој, детенце мое, толку молитви знам, не можам да ги избројам... Само легнувам, ги затворам очите и почнувам да се молам“. Нејзините молитви се подигнувале како огнени столбови од земјата кон Небото...


Миленичка на Пресветата Богомајка

        Мајка Макарија била Старица – Дете. Нејзината вера била детска. Бог, Кој што Го познавала, бил навистина нејзин Отец, а Пресвета Богородица била нејзина Мајка. Затоа, нејзино било и – Царството Божјо, Царството на детските души, непоколебливи во верата и молитвата.
         Пресветата Богомајка ѝ се јавила на својата миленичка безброј пати:
       „Пресветата не бара врата (влегувајќи во куќата кај мајка Макарија), минува таму каде што луѓе не поминуваат. Доаѓа од Исток, па преку ѕидот, а ѕидот се расцепува и отвора, а кога заминува ѕидот се затвора. Каде што Таа ќе помине, цветови расцветуваат, кадешто престојува, цвеќе се насмевнува... Кадешто слегува, тука е скалата Небесна. Речиси секојдневно се симнува од Небото, и веднаш се шири благопријатен мирис. Од неа благоухание се извива како од јагодни цветови... Кога Таа лета, како свеќички да горат, сè блеска. Така и одлетува. Какви сè мириси од неа не произлегуваат... Како некој посебен румен цвет е. Весела е, радосна, украсена, сета украсена со цветови, со венче на главата. Облечена е во одежди во разни бои... понекогаш во бели, понекогаш во црни... А во црвени кога е голем празник. Спасителот ќе ѝ каже, и таа ќе се облече, и става венец на главата. Одеднаш ја препознаваш, навикнав – веднаш да ја препознаам... Има црна коса, црна и многу долга... Мајката Божја многу малку зборува. Штом таа ќе влезе, јас затреперувам. А таа ќе рече: „Ете, повторно се плашиш од мене...“.
         Еднаш, мајка Макарија ја молела Пресвета Богородица за своите болни нозе, да ѝ ги исцели. „Уште не е време“, слушнала одговор: „Таква си потребна. Друга би побегнала, а ти нема да избегаш!“, ѝ одговорила Владичицата.
          И уште раскажувала схимонахињата Макарија за Пресветата Богомајка:
       „Јас ја прегрнувам и велам: ’Најмила!’. А Таа се насмевнува: ’Што си ме прегрнала?’. Јас ја молам: ’Поведи ме дома, поведи ме со Себе!’. – ’Сè уште не си го завршила подвигот’ – ’А потоа?’. ’Потоа ќе видиме’. А јас пак на тоа: ’Нозете не ме држат, јас сум несреќница, па сепак под Твојот Покров ќе се завлечам’. А жалостивата Мајка нежно, без збор се насмевнува. Кога маките од носењето на туѓите болести и јадови биле огромни, Богородица би говорела: ’Истрпи уште малку. Ах, колку се намачи!...’. Но, уште не си исполнила сè што треба, затоа сè уште нема да те земам при Себе’ “.
          Во јуни 1989 година, схимонахиња Макарија говорела дека Пресветата Богородица ѝ се јавува речиси секојдневно и ѝ кажувала дека ги обиколува домовите и ги смирува луѓето, за да „живеат што потивко“. Ги посетувала болните и страдалниците, како и сите кои молеле за помош.
            Што се однесува до судбината на Русија, Богородица на мајка Макарија, по нејзините молби да ѝ каже за тоа, ѝ говорела: „Земјата Руска не смее да се продава... Русија е сила Православна. Нема да пропадне Русија...“.
              Матушка Макарија се преселила во Царството Божјо на 18. Јуни 1993 година, при полна свест, окружена со своите духовни чеда. Нејзините последни зборови биле: „Постете, молете се... Во тоа е спасението“.


Превод:
ѓакон Емил Атанасов

0 коментари:

Објави коментар

  • Вероучител