сабота, 9 февруари 2013





        И во нашево време, време кое е ладно поради гревовите, кога во многу срца се јавува сомнеж во постоењето на духоносни слуги и угодници Божји, Нашиот Господ Исус Христос не го остави Избраниот Народ, Црквата Своја, без сведоци и свои пријатели. Многумина од нас – христијани на последните времиња, во нив ја препознаваме неизменливата сила на ветувањето Божјо.
Гледаме дека житија на светии и денес можат да се пишуваат, зашто огнениот прст на љубовта Божја, во срцата на Неговите верни испишува зборови на вечноста, исто како и некогаш. И ова житие, на во Бога упокоената схимонахиња Макарија (Артјомова) е едно од таквите чудесни и чудотворни сведоштва, дека е чудесен Господ во Своите светии и дека до последниот ден ќе има Негови Светители и молитвеници за нашиот тажен свет.
         Схимонахињата Макарија се родила на 29/11 Јуни 1926 година, на Оданието на Воскресението Христово, кога Црквата го слави споменот на светата девојка Теодосија Цариградска. Детенцето е крстено во селото Кулиши, кадешто служел еромонахот Николај, човек со богоугоден живот. Заедно со малата Теодосија, како што го нарекле детето, крстено е и нејзиното мало братче-близнак, Георгиј, кое набргу умрело. Отец Николај уште тогаш прозирал дека Теодосија ќе биде благородна и побожна, но дека нема да може да оди. Семејството Артјомови било големо – освен родителите, тука биле и синовите со своите сопруги и децата, а и ќерките, од кои едната омажена, вкупно дваесеттина деца. Се живеело, пак, строго и во молитва кон Бога... И Теодосија од малечка ја воделе во црква. Детенцето набрзо почнало тешко да оди, потпирајќи се до ѕид. Во третата година ноженцата ѝ биле потполно парализирани. Родителите ја воделе од лекар на лекар, но ништо не помогнало: таква била Божјата промисла за ова малечко девојче, што се потврдувало со многу знаци уште додека била доенче. Еднаш, на пример, од пладне до три часот попладне, на работ на нејзината колевка горела свеќа, која никој од домашните не ја поставил – свеќата, имено, од некаде се појавила и сама почнала да свети. 


Страдална молитвеничка

         Сиромашното семејство во малата Теодосија гледало голем товар, и многу од домашните, дури и нејзината мајка, се молеле на Бога да ја земе кај Себе. Не ѝ давале дури и да јаде, така што таа ползела под трпезата, хранејќи се со трошки и отпадоци. Целиот ден би го поминала под креветот, сокриена од сите, молејќи се на Бога, Кој ѝ бил единствена утеха. Постојано би повторувала: „Господи, Господи, биди со мене“, а бидејќи била без обувки, во зима повикувала: „Боже, Боже, сошиј ми чизмички!“. Кога имала две години и три месеци, домот на Артјомови го посетил некој чуден човек, кој зрачел со некоја светлина и мирисал со неискажливо благоухание. На него, детенцето му се пожалило на својата мака со нозете, а тој ѝ рекол: „Трпи! Така Му е угодно на Господа“. Потоа на себе го ставил епитрахилот и ѝ прочитал молитва. А кога во собата влегла мајка ѝ, се зачудила од глетката, а гостот, ја поучил детето да не го водат на лекар и да не го даваат во дом за сираци. Пред да замине, ѝ рекол да ја научи молитвата кон свети Тихон Калушки, чијшто манастир се наоѓал на околу сто километри од родното село на Теодосија. Духовниците подоцна им протолкувале дека тоа бил самиот свети Тихон, по кој што Теодосија подоцна го добила името како послушница – Тихона. Бидејќи останатите деца ја закачале, татко ѝ од даски направил ограден простор во куќата – и тоа било местото на нејзиниот детски затворнички подвиг.
         Во четвртата година од нејзиниот живот, кај себе ја зел Антон Семјонович, сосед на Артјомови, кој порано помагал при Чудовиот манастир, додека болшевиците не го затвориле. Овој благочестив човек, кого што Теодосија го викала „Антониј Велики“, се грижел за неа со сето срце. Заедно читале молитви.
Нејзин пријател бил и отец Иван, свештеник од селото Кикино, и самиот многу духовен. Схимонахињата Макарија подоцна се сеќавала како од неговото лице, кога разговарале, блескал некаков умилен оган...
           Теодосија тие денови се молела на Пресветата Богомајка: „Исцели ме од болеста и прости ми ако сум грешна“. И Пресветата ѝ се јавила и ѝ рекла да не тагува поради нозете, а потоа ја поучила како да се моли на Ангелот Чувар. Кога се вратила дома, родителите пак ја носеле на лекари, па и на операција. Пред да започне со хируршката интервенција, главниот хирург во операционата сала го фрлил скалпелот на подот и ужаснат извикал: „Небесната стража стои и не отстапува!“... Ангели не дозволувале да бидат оперирани нозете на Теодосија.
           Во осмата година девојчето западнало во летаргичен сон и нејзините домашни мислела дека умрела. Во мртовечницата лежела долго, а за тоа време нејзината душа Ангелот Чувар ја воздигнал до рајот, каде што видела многу и неискажливи чуда: палатата Христова, величествената небесна служба во која учествувале Божјите угодници. Потоа раскажувала: „Таму сите се млади... радосни... Ние тука сме нетрпеливи, а таму, на Небото, само радости бликаат. Таа убавина не можеш да ја споредиш со нашиот живот...“. Теодосија на Небесата ја видела и Мајката Божја во придружба на светите Јован Крстител, пророк Илија, Николај Чудотворец и света Екатерина. Ги видела и Архистратизите Михаил, Гаврил и Рафаил, како и судот над човечката душа. Заедно со нејзиниот Ангел Чувар, за помилување на тие души се молеле и многу други Ангели. Накратко ги видела и маките на грешниците во пеколот, а потоа и нејзината душа се вратила во нејзиното изнамачено тело и нејзиниот подвиг продолжил. Најголема утеха за Теодосија биле зборовите на Мајката Божја: „Јас нема да те оставам!...“.
           Дома помагала колку што можела, ги молзела кравите, ги чувала јагнињата и јарињата. Децата и понатаму ѝ се потсмевале: „Никој нема да се ожени со тебе!...“, ѝ говореле врсничките. А таа им одговарала: „Вашите младоженци се со ножеви и стапови, а мојот Женик е со кадилница и крст“, мислејќи на Господ Исус Христос, Кој од утробата на мајка ѝ ја уневестил оваа чиста и света душа... Наскоро од својот Женик добила и молитвена моќ за исцелување, не само на луѓе, туку и на стока, која за селаните навистина значела живот...
            Тогаш, Германија го нападнала Советскиот Сојуз. Таткото и браќата на Теодосија отишле на фронт, снаите во родните куќи, сестрите се омажиле, а мајка ѝ отишла во Калуга, кај својот брат. Теодосија е оставена на милост и немилост, во глад и беда. Во август, 1941 година, Германците го заземале селото. Месните жители, итајќи во бегство, сместиле триесет и шест мали деца кај девојчето сираче, за кое знаеле дека е голема молитвеничка, надевајќи се во Бога, дека децата ќе им останат живи. Схимонахињата подоцна се присетувала: „Запалив седум кандила и дванаесет свеќи. Едно детенце зедов во раце и клечев и се молев на Бога. Кога ете, германски војници влегуваат... „Зарем сте и вие толку немилосрдни, зарем сите деца ќе ми ги убиете?!“, им велам. „Такви малечки како тебе немаат деца... Откаде тие твои деца?“, смеејќи се, праша германскиот војник. „Бидејќи се во мојата куќа, значи дека се мои“, им велам јас. Потоа, стигна еден германски официр, кој од некаде дознал дека девојчето е прозорливо. Ја прашал што е со неговата сопруга и таа одговорила. Тогаш, официрот ѝ дал некаква потврда, која требало да ја покаже преку прозорецот, кога и да зачукаат Германците. Тоа, со Божја помош, ја спасило и децата и неа.
           Кога селаните се вратиле, во куќата на Артјомови го населиле колхозниот бригадир и девојчето морало да замине од дома. Ползела така со денови и никој не сакал да ја прими кај себе. Во зима се движела речиси потполно без облека, зашто облеката ѝ се распаѓала од ветрот и мразот. Спиела во снегот, на слама, на улица, каде ќе стигнела. Во својата напуштеност пеела црковни песни и непрестајно се молела. Така, младата подвижничка, две години без еден месец, ги поминала во најтежок подвиг на сиротување, ползејќи по селата, гладувајќи и мрзнејќи.

 
       Во 1943 година ѝ се јавила Небесната Царица и ѝ рекла: „Ќе те фатат, ако останеш на улица. Треба да влезеш во куќа!“. „Кој ќе ме земе?“, прашала Теодосија. „Сега ќе дојдат по тебе“, рекла Мајката Божја. И навистина, дошле: прво, една побожна жена, а потоа Матушка Наталија, монахиња од Вјаземскиот Аркадиевски манастир, која, откако болшевиците го затвориле манастирот, живеела во селото Темкино со сестра Екатерина, а се издржувале шиејќи за селаните. За време на првите прогони на верните, мајка Наталија со останатите сестри биле фрлени во затвор. Тогаш ѝ се јавила Богородица и рекла: „Сите монахињи кои овде живеат запишани се на смрт, а ти ќе негуваш една болна во својата куќа!“. Инаку, Теодосија била роднина со мајка Наталија, која многу сакала деца, и уште порано го молела најстариот Артјомов да ѝ ја даде ќерката, но тој со тоа не се согласил. Тука, кај мајка Наталија, Теодосија живеела во голема побожност, читајќи го Псалтирот и слушајќи духовни пеења, кои ги пееле гостите на старата монахиња. И тука, Теодосија примала и лекувала болни.
            Во својата дваесетта година, по исповедта и причеста, еромонахот Василиј и уште двајца свештеници ја потстрижале во послушничка со име Тихона, во блиското село Девјатково. Еден човек од соседството, обземен од нечестивиот, многу им досадувал на Тихона, Наталија и Екатерина, заканувајќи им се дека ќе ги убие и барајќи им пари.
           Неволјата престанала, кога Тихона со молитва исцелила маж и жена од Москва, кои имале врски во Кремљ: наскоро дошла делегација од престолнината, која ѝ наложила на локалната полиција да ги спречи заканите кон монахињите, по што оној несреќник се уплашил и смирил.
           Во 1957 година, Тихона се разболела и неколку месеци лежела во болница, кадешто нејзиното присуство влијаело на многу лекари и медицински сестри, да ја откријат верата и да се приближат кон Бога Творецот...
        Наскоро, починале и мајка Наталија и Екатерина, а Тихона повторно ја протерале од куќата, како некогаш Синот Човечки, Кој за разлика од лисиците и птиците небесни, немал каде глава да потслони. Не ја дале ниту во инвалидски дом: „Таму би се молела на Бога и ќе ги расипува луѓето...“, говореле. Во тоа време, Тихона многу се молела за заробените и многумина ослободила со молитвата. Една стара монахиња, мајка Евлалија, рекла дека болната нога која почнала да ѝ се суши, ќе ѝ оздравее, ако прими монашки потстриг. Тоа се случило на 18. октомври 1976 година, на денот на светите епископи московски, чудотворците Петар, Алексиј, Јона, Филип и Ермоген, и повторно го добила името Тихона. Наскоро, повторно ѝ се јавила Царицата Небесна и ѝ рекла: „Сега го прими монаштвото и членови од своето семејство не примај!“. Со тоа ѝ ставила на знаење дека монахот е молитвеник за целиот свет, а не само за своите ближни по крв. Петнаесет месеци по потстригот, повторно со благослов на Пресветата Богомајка, Тихона примила голема схима и го зела името Макарија, по свети Макариј Египетски.

0 коментари:

Објави коментар

  • Вероучител